Периодот меѓу двата теста уште еден дел од MotoGP тимовите го искористија за промоција на своите нови мотори за сезоната 2022.

Ducati Lenovo очекуваниот фаворит

Ducati motoGP 2022

Во отсуство на спонзорот Mission Winnow, кој е ништо повеќе од другото не толку “страшно” име на Marlboro, бојата на новите мотори е за нијанса потемна црвена Ducati Rosso боја која е пак заштитна за Ducati. На овој начин сите сопственици на црвена варијанта на друмско Ducati ќе се индентификуваат уште повеќе со брендот. Ако се земе предвид дека италијанскиот производител продава најмал волумен на мотоцикли низ светот, споредено со останатите учесници во шампионатот, и дека има освоено само една возачка титула со Casey Stoner во 2007 година, тогаш јасно е дека овој тим ја движи страста и емоцијата која е до граници на “забеганост” кај Италијаните.

Ланската конструкторска титула им дава дополнителен ветар во грбот за да атакуваат на двете титули оваа сезона. Новиот подолог издувен систем треба да даде некоја коњска сила плус, а поелегантниот оклоп да помогне во аеродинамиката во која се дефинитивно пионери и лидери. На тестот во Малезија се откри една тајна која се обидоа неуспешно да ја сокријат. Спуштањето на предниот дел од моторот, кој вообичаено се користеше до сега само на стартот од трката за да се спречи подигањето на предното тркало, сега со новиот уред ќе може да се користи при излегување од секој свиок кога е потребно силно забрзување. Целта е повторно избегнување на несакано “дигање на едно” тркало и пониско тежиште на моторот.

Моќноста на моторот на GP22 би требало да е зголемена, но точно за колку сигурно нема да дознаеме. Максималната брзина и времињата по круг ќе кажат. 

Возачката постава е задржана и сите надежи се вперени разбирливо кон Pecco додека неговиот тимски колега Jack се движи на тенка даска. 

Се чини како да се сите коцки поставени и се помалку од титула ќе биде сметано за пораз.

HRC Honda враќање на тронот?

Јапонците го искористиле времето, кое сите ние го имавме на претек во 2020 година заради пандемијата, за да направат план за клучни промени на моторот кој веќе ги покажуваше брчките. Само виртуозните “вожњи” на Marquez успеаа да го прикажат моторот како компетитивен, нешто што за сите останати возачи на Honda беше кошмар. Вистината излезе на површина по повредата на Шпанецот и немаше веќе време за чекање. Новиот RC213V сега е скоро непрепознатлив во однос на претходните години, па многуте коментари дека личи на Ducati или Yamaha воопшто не треба да не чудат.

 HRC Honda MotoGP 2022

Целта е секако поуправлив мотор, особено со подобрена тракција на задното тркало. Ова веројатно ќе им одговара повеќе на сите возачи, но можно е напуштање на пргавиот стил на Marc кој успеваше ја заобиколи мааната на задната тракција потпирајќи се на силната предна вилушка и како да не го интересираше што се случува зад него. Навистина неверојатно. Неговиот тимски колега Pol веднаш потврди дека ваков мотор далеку повеќе му одговара на неговиот стил на возење, а од друга страна и покрај тоа што и Marquez призна дека со овој мотор се постигнува полесно брз круг, нема да не чуди да сепак во следниот период се реши за некој хибрид од минатогодишниот мотор и варијантата ’22. Сме биле сведоци и во минатото на ваков чекор кога резултатите докажувале дека сепак бил во право.

Тимскиот шеф Alberto Puig со изјавите од типот - да не беше повредата на Marc ќе бевме шампиони и во 2020 и во 2021 година - класично се “с’ска” и сака да им втера страв на конкурентите дека ќе нападнат на титулата. Веројатно со тоа сака и да му ја врати и самодовербата на поранешниот шампион кој како да ја потроши целата среќа која го следеше низ кариерата кога беа во прашање повредите. Да се надеваме дека ќе ја помине сезоната без дополнителни проблеми, но сепак фактот дека малку појак удар може да ја врати последната повреда на очниот нерв не помага многу. 

Очекувањата се победи и враќање на титулите затоа што како што кажува Marc: кога возиш за Repsol Honda ништо друго и не се очекува.

LCR Honda против останатите мотори на Ducati

И момците од тимот на Lucio Cecchinello ќе располагаат со истото моќно оружје на фабричкиот тим, односно новата Honda RC213V. Веројатно разлики ќе постојат, а и темпото на унапредување на моторот во текот на сезоната нема да биде ист за фабричкиот и сателитскиот тим, но секако веќе на тестирањата и Alex и Taka беа задоволни од напредокот. И од двајцата се очекуваат високи резултати, но едноставно има премногу брзи конкуренти кои нема да им дозволат лесно да се пласираат високо. Пред сè тука е ескадрилата на Ducati која и со GP21 ќе прави доволно проблеми, а да не ги спомнуваме Yamaha и Suzuki кои ќе атакуваат на титулата, па и досегашниот аутсајдер Aprilia.

Taka motogp 2022

Различниот брендинг е веќе стандарден за LCR Honda и е добра платформа за прибирање на повеќе финансии. На насмеаниот Lucio сигурно не му пречи тоа што имаше 2 презентации и тоа една за Idemitsu LCR Honda за Јапонецот Taka, а друга за Шпанецот Alex кој е подржан од Castrol LCR Honda. Nakagami веќе освои пол позиција и никако не успеа до сега да се качи на подиумот, за што работеше со психолог кој треба да му помогне да ги прибере нервите и да конечно да поентира. Alex е двократен шампион во класите од каде што доаѓа и по одличната прва сезона, лани и тој не можеше да извади максимум од моторот. 

alex marquez motogp 2022

Значи освојување на топ 10 позиции во трка е сосема солидна цел за овој тим, а поединечни подиуми за возачите е нешто што се очекува.

Aprilia Racing, конечна реализација на сонот

Новиот тим од Noale, за првпат независен од Gresini, го презентираше новиот мотор со малку изменет брендинг, повторно на основа од црна боја. Тоа што е поважно се наоѓа под оклопот на моторот како и аеродинамиката која е еволуција од минатогодишниот модел. Новата Aprilia RS-GP 2022 ги покажа забите на првиот тест во Sepang и ако судиме по тоа, ова е веројатно најдобрата изведба на италијанскиот мотор до сега. 

 aprilia motogp 2022

По огромните успеси во класите 125 и 250cm³ во 1995 година Aprilia влезе во највисоката класа, тогаш 500cm³, од кој период ќе се памети само фантастичната трка на Jeremy McWilliams во Велика Британија во 2000 година, кога по повеќе од половина трка помината на првата позиција на крај успеа да заврши како трет зад тогашниот “руки” Rossi и помладиот Roberts. Отприлика таква е и приказната по нивното повторно враќање со слична траекторија на резултати. Ланскиот подиум, единствен во новата ера, беше исто така освоен во Британија, но веруваме дека тука ќе завршат сите паралели. Оваа нова генерација на RS-GP е растена во други услови, со веројатно најлогичните правила во мотоспортот на сите времиња. Концесиите им дозволуваат на послабите тимови да се развијат и да ги достигнат најдобрите, па еве го и резултатот. 

Возачката постава останува неизменета, односно на староседелецот Espargaro, кој ја започна ланската сезона со повредениот и потценет Savadori, му се приклучува повеќекратниот победник Vinales со кој ќе ја вози целата сезона, додека Savadori, кој покажуваше неверојатни перформанси на дожд, ќе вози дополнително како wildcard на 5 трки со што ќе придонесе за подобар развој. Ова последното е многу важно ако се земе предвид потенцијалниот успех во оваа сезона со што би ги изгубиле концесиите за следната сезона. 

Спортскиот директор Massimo Rivola кој носи огромно искуство од организација како Ferrari, донесе и многу потребна фокусираност и менаџирање со тимот што го крена на повисоко ниво. Тука е и техничкиот директор Romano Albesiano кој ја издвои подобрата возливост во свиоци кај новиот модел, но дека исто така продолжуваат со развој на другите сегменти. Природно за тим кој аспирира за победи.

Останува уште промоцијата на тимот Moony VR46 Ducati кој е закажан за крај на месецот, веројатно заради спонзорот кој беше обелоденет прилично доцна.

Back To Top