“Де де тек се први квалификации, полека малце” е веројатно првата реакција кога ќе се прочита насловот, но има тежина пол позицијата на Jorge Martin и тоа од неколку аспекти.

 a9x9658 4 0.big copy

Ќе се обидеме да прочитаме малку подлабоко во она што се случуваше на денешните квалификации за првото GP на патеката во Losail, или по ново Lusail. OK, нема да се занимаваме со фонетика и зошто дојде до оваа измена, затоа што имаме многу поинтересни теми, а и не сме доволно стручни на темата.

  1. Jorge Martin. Со четвртото место на слободните тренинзи, и воедно најдобро Ducati, веќе се најави висок пласман. Со ваква издоминирана квалификациска сесија и кул настапот на крај од сесијата знаеме само едно. Помина сезоната на осцилации и учење и веќе не му е “филмот” да освои пол позиција. Martinator е тука за да освои титула. Сигурно чешаат глава во падокот, или во случајот на Gigi мазнат брада, кога го гледаат моторот во кој пред сѐ Pecco немаше целосна доверба, како се нацрта на првата позиција во рацете на Jorge. Знам, знам, прва трка, ОК!
  2. Enea Bastianini. Со постигнување на 1-2 на Ducati, веројатно гледаме во иднината на фабричката постава токму во овие двајца. Бештија повторно извади неверојатен резултат и се постави токму пред еден од главните фаворити за победа, па и титула за сезонава. Очигледно “му легна” моторот кој лани го возеше неговиот сонародник. Впрочем и зборувавме за ова, па и го очекувавме ваквиот расплет на почетокот на сезоната. Недостатокот на притисок кај “аутсајдерите” вродува со олабавено и прецизно возење.

    Enea qatar 2022

  3. Marc Marquez. Осум кратниот светски шампион го гони рекордот на великанот Rossi, па уште од почеток започна со игранките. Како пијавица се закачува на брзите возачи и ја користи секоја можност за по некоја десетинка. Делува порелаксирано, особено што веројатно во своите очи гледа пред себе неискусни возачи na Ducati со кои може полесно да се справи отколку со Pecco. Нема веќе сомнеж. Marc се врати! (прва трка, у редууу)
  4. Jack Miller. Jackass треба да биде задоволен со постигнатото. Последен кој е во 3 десетинки со најбрзиот. Со фино штелување на утрешниот warm up, може да се надева на подиум. Сепак вози мотор кој е хибрид помеѓу старата и нова машина. Нема место за грешки.
  5. Aleix Espargaro. Господинот Сабота по којзнае којпат успеа да го довлечка мотоциклот до високи пласмани. Директната квалификација во Q2 покрај ваква конкуренција е веќе успех само по себе. Единствениот мотороцил кој може да го прави развој на моторот во текот на сезона стартува одлично.
  6. Pol Espargaro. Брат брата не рани...Овие двајца често пати знаат да се најдат еден до друг. Сеуште под 3 и пол десетинки разлика во однос на најбрзио. Супер почеток и за Pol. Honda-та делува мирно во рацете на сите нивни возачи. 
  7. Brad Binder. Машки го довлечка KTM-от во Q2 по форсирањето во Q1 кое како и на Fabio, му ги потроши сетовите на пневматици. Одличен резултат. Единствениот брз KTM. На шефот Peierer за малку ќе му испаднеше солза кога го виде како завршува најбрз во Q1. Многу пари вложени во овој проект.
  8. Joan Mir по одличните тренинзи очекувавме нешто повеќе од Mir и Suzuki во квалификациите. Сепак под 4 десетинки од најбрзиот на 8 позиција. Неверојатно е тесно на врвот. Знаејќи дека Suzuki е особено брз како се развива трката, очекувајте сѐ и сешто утре.
  9. Francesco Bagnaia. Pecco на рамно 4 десетинки и деветто место. Што би рекле твитерџии “толку е твитот”. Дали ќе се кае или ќе биде јунак заради одлуката да се отфрли новиот мотор и да се користи комбинацијата на двата е прашање на време. Да му дадеме заслужено време.
  10. Alex Rins. И овој возач на Suzuki е толку блиску, а толку далеку од врвот. Знае да биде многу брз, ако ја заврши трката.
  11. Fabio Quartararo. До тука беа пофалбите и честитките. Наваму е темно и тмурно. Шампионот ја започнува сезоната со спуштени рамења. Такво беше влегувањето во боксот. Да го тешиме дека е почеток на сезоната и дека ќе се средат работите, и дека е ова патека на која е потребен моќен мотор? Доволно е паметен, а и веќе искусен за да знае подобро. Лани тој мотор беше доволен за да победат заедно со Vinales на првите 2 трки. Едвај влезе во Q2. Дефицитот на максимална брзина е сепак преголем. Несериозно од Yamaha. Имаа само една задача. Цццц
  12. Franco Morbidelli. И Френки не брилијираше, но сепак по гадната повреда од минатата сезона и неискуството со новиот мотор солиден старт за Итало-Бразилецот според позицијата. Разликата до најбрзиот скоро една секунда. Jarvis нека му ја мисли.
  13. Johann Zarco. Французинот немаше среќа. Му се поништи најдоброто време заради жолтите знаменца кои беа неопходни по падот на помладиот Binder. Тоа се случува кога нема да се квалификуваш директно во Q2. Не баш почеток за радост.
  14. Miguel Oliveira. Единствениот Португалец победник на трка во кралската класа не потсети дека формата на KTM не е репрезентативна според резултатот на Brad. Miguel е вреден работник и може да искористи грешка на останатите за да го заборави тешкиот почеток.
  15. Marco Bezzecchi. Најдобриот руки. Дури на почетокот на Q1 сесијата водеше. Сепак е прерано да се очекуваат чуда. Нека билда искуство. Браво Marco! Браво VR46!
  16. Takaaki Nakagami. Јапонецот никако не успеа да сврзе брз круг. Постигнуваше одличнии времиња во едиствената сесија (FP4), која не може да го однесе директно во Q2. 
  17. Luca Marini. Ако се сетиме на Индонезија и формата која ја покажа таму, како и позициите на Martin & Enea, ова е едно од разочарувањата. Знаеме дека е студиозен и дека му треба време, ама му е доделен топ мотор и треба да ја води екипата. Времето тече за Luca малку побрзо оваа сезона.
  18. Alex Marquez. Што би рекол другар ми Миле, “каде со непотизмов”? Уште еден од помалку успешните браќа кој потфрли. Сепак се очекува повеќе од двократен шампион. Неколкуте пада сигурно помогнаа за вака скромниот настап на Alex. Мора да се прибере за да докаже дека не е тука само заради брат му. За рака со Luca и нека ја загреат убаво столицата. 
  19. Maverick Viñales. Очигледно недостатокот на предсезонско тестирање на оваа патека резултираше со немање на доволно информации и самодоверба за повисок пласман. Очекуваме пробив кон повисоки позиции и подобрување на темпото како ќе изминува трката.
  20. Andrea Dovizioso. Малку загрижувачки, но не и неочекувано. Дали го помина зенитот и ова ќе биде навистина последна сезона за (ex) Desmo Dovi ќе почекаме уште некоја трка. Малезиецот Razlan, кој е шеф на тимот, сигурно нема да биде толку трпелив. Последен пред почетниците кои го завземаа дното.
  21. Fabio Di Giannantonio. Очекувано, ако видиме кој сѐ се наоѓа пред него. Marco нека му биде пример за понатаму.
  22. Remy Gardner. Скршената рака не му пречеше да се квалификува пред далеку попопуларниот тимски руки колега. Remy е силен таму каде што се силни шампионите. Во главата. Ќе биде интересно да се следи Tech3 оваа сезона.
  23. Raul Fernandez. Претпоследен сигурно не е старт од соништата, но можеби оваа е токму тоа што му треба на ултраталентот за да го приземји и да сфати дека овде е потребна многу работа за резултат. Ајде прва трка ееее.
  24. Darryn Binder. Единствениот очекуван резултат на овие квалификации. Без никакво потценување. Прескокна цела класа, се натпреварува на мотор кој имаше најмалку напредок, па уште и на стара верзија. И го заокружи настапот со треснување и здраво демолирање на моторот. Ладна лева страна и промена на правец од десен во лев свиок е веќе виден рецепт за паѓање на патеката во Катар. Искуство плус.

И за крај да се потсетиме уште еднаш на природниот циклус на животот. Првиот викенд без легендата Valentino Rossi започна во петокот кога воедно му се роди првото дете! Неверојатна симболика и момент во кој сигурно сфатил дека моторите не се најбитното нешто во животот. Ама се таму негде на врвот! Нека е здрава и жива Giulietta Rossi!

Back To Top