Првата трка за новата комбинација на тимот на Gresini со моторите на Ducati, заврши со прва победа во класата за тимот и прва победа за младиот Enea Bastianini!

qatar winners 2022

Кога пред една година, заради компликации по заразувањето на (предосадниот) вирус Ковид19, почина Fausto Gresini, многумина претпоставуваа дека тоа ќе биде воедно и крајот на овој тим кој го водеше харизматичниот сопственик. Тогаш сеуште во партнерство со Aprilia, некако и успеаа да ја завршат сезоната. Но Aprilia објави дека продолжува како независен тим, нешто што беше веќе решено и неповрзано со смртта на Fausto, затоа што сметаат дека така можат да се наметнат како сериозен тим и да атакуваат на побиди и титули. Без лидер и партнер за разбирање е дека следен чекор е затворање на тимот со што ќе се трасира патот во историјата. Сепак не? Како што знаеме Gresini продолжи понатаму благодарејќи на љубовта од сопругата Nadia Padovani, која заедно со двата сина му го продолжија животот на Gresini. Помогна и партенрот Ducati кој се најде кога најмногу требаше. Еве им награда за тоа.

Да видиме кој што направи за да се најде на денешната позиција. 

Pol Espargaro стартуваше како испукан од катапулт на новата револуционерна Honda RC213V. Marc веднаш зад него, како да најавуваше доминација од стартот на трката. И кога за кратко се мислеше дека водството ќе трае до претекнувањето на Marc по краткото преземање на водството, Pol возврати со истата мерка и не попушташе до 5 круга пред крајот. Секако дека за оваа позиција помогна и очајниот старт на Jorge Martin кој скоро се судри со Enea и потона во поредокот. Трката продолжи во страшно високо темпо и остануваше да видиме како ќе се подредат работите зад помладиот Espargaro. Зад него Marc му чува грб, нешто за што не сме навикнати да го гледаме, секако заради нетипичниот стил кој го бара оваа Honda од Marc. Не дека би чувал некому грб. А и не очекуваме такво нешто од еден шампион. Dani Pedrosa своевремено го осети ова на своја кожа. Одличен старт имаше и Brad Binder со својот KTM и покажа одличен фајтерски дух до крајот на трката. Зад него се најде Bastianini кој не форсираше премногу од стартот. Дечкото вози премногу зрело во овој стадиум од кариерата. Тека е секако и изборот на состав на пневматиците, особено важен за трка во која температурата паѓа како се одвива трката, но и трка на која песокот знае непредвидливо да ги истроши како со шмиргла. Сепак секој сам ги бира гумите, што додава на стручноста или чувството за тркање. Тркањето. или победувањето не бара само јак зглоб на десната рака...

По форсирањето на врвот и притисокот од Enea, Pol прави грешка на крај од првиот свиок и излегува широко од патеката, по што го почести Brad со гратис претекнување. 

Значи прв заврши Enea, втор Brad и подиумот е заокружен со Pol Espargaro кој иако поразен од останатите, сепак не беше разочаран затоа што не беше поразен од најдобриот во моментов и тимски колега Marquez. И самиот се пофали велејќи дека по долго време Honda нема само еден брз возач. И немаме што да додадеме на ова. Браво!

Пред да победи, Enea мораше да победи уште еден шампион и тоа на брзиот Suzuki во рацете на Mir. Очекувавме дека Joan ќе биде побрз при крајот на трката и дека ќе се замеша во борбата за победа, но веројатно повеќето коњи и високата максимална брзина резултираа со поинаков менаџмент на електрониката и потенцијална повисока потрошувачка на гориво и трошење на задниот пневматик. Претекувањето се случи на 17 круга пред крај, по што ги нанижа и Marquez и Binder, пред да го преземе водството.

Што се случи зад насмеаните победници? Каде се Pecco, Jack, Fabio, Martin, Franco...?

Пред да се задржиме на фаворитите и останатите учесници во трката, да го пофалиме и Aleix Espargaro кој му се приближи на својот брат Pol до самиот крај на трката, и со тоа ја заврши на четвртото место по претекнувањето на Marc. Одличен резултат, пред сѐ заради малата разлика во однос на победникот од 2,2 секунди и можноста да се бори против останатите.

Marc Marquez едноставно сеуште не се навикна на флуидниот стил кој го бара новиот сетап на Honda, но не се бунтува и го прифаќа предизвикот за прилагодување. Сега веќе е хомологиран овој мотор со што се отфрла можноста за враќање назад, па и не му останува ништо друго. Секако необична ситуација. 

Joan Mir извади максимум од новото Suzuki со завршување на шестата позиција и имаше релативно мирна трка во втората половина од трката. Сепак на нецели 5 секунди зад победникот и не е нкаква катастрофа ако се земе предвид доаѓањето на патеки со пооштри свиоци кои му лежат на јапонскиот мотор.

Неговиот тимски колега Alex Rins скоро и да не го видовме во преносот затоа што имаше една осамена трка на седмата позиција. По одличните резултати на тренинзите, ова е првото разочарување од исходот на денешната трка.

Johann Zarco успеа да извлече максимум од катастрофалните кавалификации, па можеме да го сметаме за успех неговиот настап. Во последниот свиок му се приближи на Fabio и ја искористи брзината на Ducati. Или подобро кажано ја искористи спороста на Yamaha.

qatar 2022 start

Yamaha ни потврди дека жалопојките на Fabio Quartararo, за жал не се претерани. По враќањето во боксот на крајот од трката, ироничната полу насмевка го кажуваше токму тоа: “знаев дека вака ќе се заврши”. Прилично фрустирачки, особено ако се земе фактот дека не направи ни една грешка и даваше се од себе. Тоа е шампионски настап. До кога ќе го држи ентузијазмот не знаеме.

Takaaki Nakagami ја задржа златната средина на 10-тото место, но ако ги погледаме резултатите на фабричките возачи како и одличниот настап на сонародникот Ai Ogura во средната класа, треба да се подзамисли за својата иднина. 

Franco Morbidelli е следниот на 11-тото место. Ако се земе предвид дека е само 2 места и 6 секунди зад тисмкиот колега и актуелен шампион, тогаш и не е така лошо, но се очекуваше многу повеќе од оваа комбинација.

Maverick Viñales е способен за повисоки резултати, но не сеуште. Комбинацијата со моторот бара уште извозени километри. Битно е да не паѓа и да не се фрустира. Знаеме дека може да победува, но исто така и дека може да се спакува и да замине кога ќе загусти.

Luca Marini во склад со лошите квалификации заврши на 13-то место. Многу работа го чека новопечениот чичко на Gulietta Rossi.

Веднаш зад него заврши Andrea Dovizioso кој во минатото победуваше во неверојаните дуели со Marquez. Во минатото. Си бара работа, а време има сѐ помалку.

Remy Gardner ги предводи последните четворица пласирани на дното со освоен последен бод, но по повредата сигурно резултатот делува како победа. Набиени еден зад друг во една секунда следат Darryn Binder кој сепак заврши пред Fabio Di Giannantonio и уште еден од руки фаворитите Raul Fernandez.

Паднаа, до тој момент одличниот Marco Bezzecchi, Alex Marquez и Miguel Oliveira, но сигурно најмногу полемики ќе се водат околу падот на Pecco Bagniaia и Jorge Martin кои важеа за кандидати за подиум пред почетокот на трката. Martin никогаш не се врати во игра по лошиот старт и делуваше потполно разочарно, а Pecco по лошите квалификации пробуваше да надокнади, можеби и премногу, па го “собра” Martin онака фудбалерски “му влезе у џигер”. 

Разочарувањето на Ducati го заокружи Jack Miller кој не ја заврши трката заради технички проблеми со мотоциклот. Како влезе во боксот, не би не чудело да е веќе на пат за Индонезија без да се поздрави со никој.

Симболиката продолжува ако земеме дека бројот 23 со кој настапува Enea е за половина помал од бројот на идолот на многумина, па ние му поакуваме барем половина успех!

Back To Top