Многу случувања, многу интересни дискусии и очекувања, почетокот на сезоната е пред нас, MotoGP гаражите не мируваат!

acosta test 2022

Дали Ducati го најде новиот Stoner или новиот Dovisiozo?

Со потпишувањето на нов договор за сезоните 2023 и 24, Ducati сакаат да го задржат Pecco Bagnaia во нивната гаража. Со ова покажуваат и промена во менталитетот како и огромна доверба во Италијанот, кој ја искористи можноста која му се понуди минатата година. Pecco е комплетен возач на кој веќе не му недостасува искуство во борбата гради во гради за највисока позиција, како и искусувањето на шампањ благодарение на четирите победи освоени минатата сезона. Во тимот ја нема веќе онаа паника и притисок од времето на Lorenzo кога летаа глави при мал неуспех.

Сега покрај Италијанот самодоверба им влева одличниот мотор, како и фактот дека имаат одлични возачи и потенцијални победници на останатите мотори, како и одличен подмладок. Веќе неколку пати го споменавме Miller и неговата последна шанса оваа сезона да покаже барем пола од тоа што го покажа неговиот колега лани. Има интересно видео во кое Австралијанецот можеби и открива дел од причините зошто оваа сезона би можела да биде последна во фабричкиот тим на Ducati.

Во поткастот изјавува дека тој не сака да биде инженерот кој треба да го проектира или изработи моторот, туку сака да биде оној кој ќе го вози. Сигурно дека деталите во телеметријата откриваат многу и не треба да се спие на тоа уво дека само со големиот талент и големото срце (кои ги поседува) може да се направат чуда. Чуда веројатно и можат да се направат на неколку трки, но за титула треба малку подлабоко да се навлезе во морето од информации, сакале или не.

Дали сме сведоци на уште еден феномен во MotoGP кога е во прашање Pedro Acosta?

Повторно Шпанец.... Момчето кое минатата година ја освои титулата во Moto3 во својот прв обид, најавува повторување на успехот и во класата Moto2. Знаеме дека се работи само за тестирања на кои младиот Шпанецот е постојано во самиот врв, но таков почеток ветува многу. Особено ако знаеме со каква леснотија и ладна глава победуваше во најниската класа. Дури успеа и да падне на вчерашните тренинзи обидувајќи се да дојде до лимитот на моторот. Многу кажува и фактот што и покрај понудата да ја прескокне средната класа се реши да не брза. А колкав удел има извонреден возач во успехот и освојување титула знаеме и самите од примерите на Rossi, Stoner, Lorenzo, Marquez, па и Quartararo. Mir сепак освои титула во вонредни услови, па е тешко да се процени неговиот профил.

Acosta ќе биде една од главните причини да се следи средната класа, која секако изобилува со таленти, но...

Дали иновациите како последната еволуција на holeshoot уредите, го носат MotoGP во погрешен правец?

Прво беше задно “клапнување” на мотоциклот на стартот од трката за подобра тракција, а сега е актуелен и уредот за спуштање на предното тркало за намалување на можноста за исправање на моторот на задното тркало и генерално пониско тежиште. Ducati кој ја започна целата игранка, (повторно) отиде подалеку и сега прв вклучи уред кој ќе го спушта моторот при излез од секој свиок, со што ќе добие подобро забрзување, слично на старт од трката.

Едноставно човекот одговорен за сите овие новотарии, во стилот на друидот Miraculix, поуспешно го тумачи правилникот од останатите инженери и вложува повеќе време и пари во иновации. Фантастичниот новинар и поранешен тркач Mat Oxley повлекува добра поента на темата. Дали сакаме да гледаме израмнета борба со правила кои ќе ги ограничува ваквите техникалии, или сакаме да гледаме технолошки развој? Веројатно единствен начин за забрана на последната иновација на Ducati би бил ако ја загрозува безбедноста на учесниците. Да се надеваме најпрво дека нема да има никаков инцидент кој ќе доведе до забрана, а дали ќе се решат на овој чекор челниците на MotoGP, можеби ќе зависи и од евентуална доминација на Италијаните. 

Од каде уште еден тим во Moto2 Yamaha VR46 Master Camp team?

Само Valentino Rossi може да соработува во исто време и со Ducati и со Yamaha, a до 2020-та и со KTM. Новиот тим Yamaha VR46 Master Camp team ќе се натпреварува во Moto2, со моторот на Triumph и шасија на Kalex, исто како и Honda и KTM. Се работи за развоен центар на млади таленти кои потоа би продолжиле во MotoGP. Yamaha го увиде успехот на останатите тимови кои го користат овој принцип иако технички немаат врска со развојот на мотоциклите во Moto2. Одличната шасија на Kalex и не треба да се потценува, како што увидоа претходно и KTM кога се обидоа со сопствена шасија. 

Иако си замина од активно учество во трките, сепак Rossi ќе биде присутен на овој или оној начин во MotoGP. Се надеваме уште многу години.

Back To Top