Графитно сива боја на која се додадени препознатливата изразито жолта нијанса, задолжителна за Valentino Rossi, како и портокаловата боја од главниот спозор Mooney, ги красат моторите на тимот на легендата во MotoGP.

VR46 2022 promo event01

Како што се случува да заврне на свадба сред лето, планирана една година однапред, така и на оваа промоција се надвисна облакот на конфликтот меѓу Русија и Украина, колку да не потсети на фактот дека живееме на планета на која можеме да се радуваме на генијалните инженери кои успеваат секогаш да нè изненадат со генијални решенија, на бестрашните возачи кои борејќи се на патеката делуваат како да ги рушат сите закони на физиката, но исто така и дека нема крај на човечката глупост кога станува збор за моќ, бизнис интереси, его и политика.

Ние сепак ќе се задржиме на најубавиот дел од животот, а тоа се секако моторите и спортот.

На презентација на која за првпат Vale се појави во цивилна гардероба, наместо тркачки комбенизон, беше претставен тимот кој ќе настапува во Moto2 & MotoGP. Новиот главен спонзор значи ребрендирање што повлекува нови бои на кои ќе се навикнеме брзо заради уникатноста. 

Luca Marini на Ducati GP22 и Marco Bezzecchi на GP21 ќе ги штитат боите на тимот во кралската класа, а Celestino Vietti и Niccolo Antonelli ќе се обидат да го сторат истото со шасијата на докажаниот Kalex погонет од стандардниот мотор на Triumph.

Значи целосно италијанска возачка постава. Просто и едноставно тоа е и целта на овој тим. Да им помогне на талентираните Италијанци да дојдат до највисоката форма на мото натпреварување. Делува како опозиција на Шпанците кои доминираат по бројност во овој шампионат.

Luca е веќе во својата втора сезона и за разлика од лани вози нов модел, па конечно има шанса да излезе од сенката на постариот полубрат Rossi. 

Marco е пргавиот руки кој би требало да има полесна прва сезона од неговиот колега заради поновата варијанта на моторот. И тој е меѓу покрупните возачи, па би требало да му “легне” поголем и помоќен мотор од оној што го возеше минатата сезона.

Во средната класа Celestino Vietti е во својата втора сезона во оваа класа, но неговиот клубски колега Antonelli со 26 години одамна заглави во најмалата класа, така што радува фактот што конечно ќе напредува во повисока класа. Дадена му е шанса и новата средина може да делува мотивирачки за освојување на подобри резултати.

Pablo Nieto е човекот на кој му е дадена довербата да раководи со операциите на тимот на патеките уште од 2015 година кога за започна авантурата на VR46 во најниската класа. 

Тука е и незаменливиот другар на Rossi, тимскиот директор Alessio 'Uccio' Salucci кој ја ужива целосната доверба на шефот.

Очекувањата во средната класа се високи, додека пак во највисоката би биле задоволни со стартови од првиот ред и по некој подиум.

Back To Top