Хонда денеска и официјално потврди дека го обезбеди потписот на Дани Педроса до 2018 година, со што се негираа шпекулациите дека Шпанецот ќе му биде клубски колега на Валентино Роси во Јамаха.

Хонда денеска со задоволство соопшто дека го продолжи договорот до Дани Педроса за дополнителни две години, со што тој ќе настапува за HRC тимот до 2018 година.

Иако се шпекулираше дека Педроса ќе потпише со тимот на Јамаха, како клубски колега на Роси, информациите се покажаа како неточни и денеска официјално се потврди дека Хонда ги задржува Маркез и Педроса во своите редови. За 30 годишниот Педроса трката која се вози овој викенд ќе биде 250-та во Гранд При трките. 

repsol honda dani pedrosa

Педроса е возач на Хонда во целата своја кариера, тој започна во 2001 во класата до 125цц, откако ја освои титулата во 125, а потоа и два пати во класата до 250цц, во 2006 тој премина во кралската класа. Во МотоГП три пати завршува на втората позиција (2007, 2010, 2012) и три пати како третопласиран (2008, 2009, 2013) но сеуште нема освоено титула.

Многу сум среќен што можам да објавам дека го продолжив договорот со Хонда. Благодарен сум му на тимот за довербата која ја покажаа во мене и можноста да го продолжиме договорот на уште две години. Мислам дека за мене е најдобро да продолжам со истата компанија со која ги започнав трките. Среќен сум што преговорите траеја кратко и сега можам 100% да се фокусирам на трките. Дани Педроса

Со потписот на Педроса за Хонда, веќе е извесно дека Маверик Вињалес ќе биде новиот клубски колега на Валентино Роси во Јамаха, она што останува незивесно е кој ќе биде негова замена во Сузуки. Се шпекулира помеѓу некој од возачите на Дукати (Довициозо или Јанон), а од неодамна сигурна опција за тимот е и Мото2 возачот Јохан Зарко. Официјалното соопштение од Вињалес се очекува во четврток.

Back To Top