Алекс Ринс се надева дека Марк Маркез ќе биде подготвен за првата трка од сезоната.

Откако ја освои првата MotoGP титула како дебитант во 2013 година, Марк Маркез во изминативе години секогаш е еден фаворитите, ако не и главен кандидат за титулата.

Но компликациите кои настанаа после повредата на раката значат дека се уште не се знае кога тој ќе се врати на патеката.

Откако настана првичната скршеница на раката, Шпанецот мораше да замине на дури три операции. Во моментов тој се уште прима антибиотици за инфекцијата поради која раната не можеше правилно да зарасне.

Последниот негов преглед беше оценет како задоволувачки но во моментов, не е познато каква е неговата вистинска состојба.

А поради недостатокот на информации, возачот на Suzuki, Алекс Ринс, смета дека состојбата со Маркез ќе биде позната пред самиот старт на сезоната.

Официјалениот тест е закажан за следниот месец во Март, а веднаш потоа, ако дозволи ситуацијата, ќе се оддржи и трката во Лосаил.

„Навистина е тешко бидејќи ние не ја знаеме неговата состојба“, изјави Ринс на прашањето дали Маркез и оваа година е фаворит за титулата.

„Сите зборуваат за тоа но мислам дека се до последен момент нема да знаеме каква е неговата форма. И во минатото мислевме дека е повреден но на крајот тој победуваше.“

„Ајде да почекаме и да видиме што ќе се случи. Се надевам дека ќе се врати за првата трка. Многу работи ќе зависат од тоа каква е неговата физичка состојба. Но сакам да го видам на патеката, тој е многу талентиран возач и многу може да се научи од него“, додава возачот со број 42 кој успеа да го победи Маркез на трката во Силверстоун во 2019 година.

 DSC3683 copy

Исто како Маркез, и Ринс се повреди на трката во Херез. Но за разлика од Шпанецот тој успеа за брзо време да се врати на патеката и стигна до првата победа за Suzuki на трката во Арагон.

На истата трка неговиот тимски колега, Жоан Мир го освои третото место. Тоа пак му овозможи да се искачи на лидерската позиција, место на кое остана до крајот на сезоната и успеа да му ја донесе титулата на Suzuki.

„Премногу е рано за да зборуваме за тоа кои ќе бидат ривалите. Мислам дека еден од главните конкуренти ќе ми биде тимскиот колега, Жоан Мир, бидејќи тој ја освои титулата минатата година и сигурно ќе се обиде повторно да ја освои.“

„Но тоа за мене преставува мотивација. Жоан заврши одлична работа минатата сезона. Но јас ќе дадам се од себе за да го победам.“

„Минатата сезона MotoGP беше на многу високо ниво и имаше неколку различни победници. “

А со оглед на моќноста на GSX-RR кој им помогна на Мир и Ринс да дојдат до првото, односно третото место, многумина сметаат дека новите „Ковид“ правила ќе му помогнат на тимот да ја задржи предноста и во сезоната 2021.

„На крајот на денот, секогаш можеме да се подобриме. Тоа важи за Suzuki но и за останатите производители“, вели Ринс. „Ние сме во добра форма и среќен сум со напредокот кој го имаме.“

„Откако дојдов во тимот во 2017 година, работев напорно и мислам дека мотоциклот е компетитивен. “

„Секако дека сакам да ги повторам резултатите од минатата година. Мотоциклите ќе бидат слични бидејќи запрен е развојот на моторите. Ќе ни биде дозволена само една модификација.“

Ринс во моментов е во Португалија каде тренира со неговиот GSX-R1000.

Back To Top