80% од објектите се уништени во пожарот кој ја зафати патеката Termas de Rio Hondo. Сепак организаторите не се откажуваат од идејата патеката да биде домаќин на Гран При трката на Аргентина во ноември.

Директорот на патеката Termas de Rio Hondo, Хектор Фарина, вели дека ќе сторат се што е можно за да се усогласат со календарот кој го имаат планирано, а под тоа се подразбира и оддржување на Гран При трката во ноември. Според последните проценки, дури 80 проценти од гаражите се уништени во пожарот кој ја зафати патеката во текот на викендот.

Салата за медиуми, контролната соба како и VIP ложата претрпеа сериозни штети. Пожарникарите сепак успеаа да го спасат музејот во кој се наоѓаат историски автомобили и мотоцикли, контролната кула и медицинскиот центар.

Argentina MotoGP txt 08 02

Нема пријавено повредени лица а се очекува музејот утре повторно да биде отворен.

Се уште се утврдуваат причините за пожарот кој избувна во петокот навечер и кој поради силните ветрови за брзо време се прошири. Според локалните медиуми, пожарот најверојатно настанал во делот каде се одвивале градежни работи.

Argentina MotoGP txt 1 08 02

Според информациите патеката е осигурана но сериозната штета која настана го става во опасност оддржувањето на овогодинешната Гран При трка. Поради пандемијата, трката беше одложена минатата година а настанот кој требаше да се оддржи во април 2021-ва, заедно со трката во Остин, исто така е одложен.

После 15 години отсуство, Аргентина повторно се врати на календарот и дебитираше на новата патека во 2014-та година. Марк Маркез победи на три трки а по една победа остварија Валентино Роси, Маверик Вињалес и Кал Кратчлоу.

Back To Top