Во изминативе две години бевме малку изгубени, но сега знаеме по кој правец да се движиме и имаме поголем оптимизам – Валентино Роси.

Yamaha се уште не се наоѓа на онаа позиција на која сакаат да бидат, но Валентино Роси вели дека се гледа светлото на крајот на тунелот и дека неговиот M1 за брзо време повторно ќе може да се бори за победа на секоја трка.

Зборувајќи по завршувањето на тестот во Сепанг, Роси изјави дека иако ги чека уште многу работа, сепак се движат по вистинската насока.

„Во изминативе две години бевме малку загубени. Работевме напорно, испробувавме многу работи но немаше никаков резултат. Некогаш беше добро а некогаш лошо. Се уште не знаеме зошто беше така“ , изјави Роси.

„Овој пат испробавме некои работи кои се покажаа како добри. Сега имаме чувство дека се движиме по вистинскиот правец. Но ни треба време бидејќи нашите ривали се навистина силни. Но и кај нас владее поголем оптимизам.“

Роси додаде и дека е многу среќен поради моменталната атмосфера како и размената на идеи кои ги има во тимот бидејќи Yamaha навистина сака да се подобри.  Но, во однос на Ducati, кој ги освои првите четири места на тестот признава: „Кога бркавме најдобро време, мотоциклите на Ducati беа неверојатни.  Во однос на темпото, се чини дека им се приближуваме. Но се уште сум загрижен бидејќи ако трката се оддржи утре, мислам дека ќе имаме проблеми.“

Rosi Txt 14 02

Италијанецот вели и дека главните работи на кои треба да се фокусира тимот се забрзувањето и преносот на моќта.

„Забрзувањето при излегување од свиок. Тука Ducati се навистина брзи. Бев зад Петручи и се чинеше дека тие константно се побрзи од нас.“

„Но, како за прв тест воопшто не беше лошо. Тестот во Катар е за десетина дена и не верувам дека до тогаш нешто премногу ќе промениме. Но сепак таа е поинаква патека и владеат поинакви услови.“

Роси вели и дека е задоволен што можел да ги испроба новите пневматици на Michelin со кои ќе настапи во сезоната 2019.

„Ги пробав новите пневматици и задоволен сум. Подобри се отколку минатата година. Се надевам дека ќе ги имаме и на следниот тест.“

Неговиот тимски колега, Маверик Вињалес, кој ја постигна единствената победа за Yamaha минатата сезона, тестот го заврши на петата позиција.

Back To Top